Рекордни 96,8 милиони туристи ја посетија Шпанија, а најпопуларна е Каталонија

Шпанија минатата година забележа рекордни 96,8 милиони туристи, што е за 3,2 проценти повеќе од претходната година, објави денес Националниот институт за статистика (INE) на земјата.

Овој резултат, сепак, не ја достигна првичната прогноза на владата во Мадрид од 100 милиони посетители, што е последица на значителното зголемување на цените, особено на хотелскиот смештај, како и на намалениот број туристи од Франција.

Шпанија беше најпосетувана од туристи од Велика Британија, а вкупниот број достигна 19,1 милиони, што е за 3,7 проценти повеќе од претходната година, по што следуваат Франција со 12,8 милиони и намалување од еден процент на годишно ниво и Германија со 12 милиони со зголемување од 0,6 проценти.