Рекордно производство на пченица во Македонија

Домашното производство на пченица годинава ќе биде рекордно и првпат ќе покрие 80% од вкупните потреби. Засеани се околу 80.000 хектари или 10.000 повеќе од лани, а се очекува принос од најмалку 240.000 тони, пишува Миа.

Производителите бараат откупната цена да биде минимум 11 денари за килограм и засилени инспекциски контроли поради шверцот со сертифицирано семе.

Според претседателот на Асоцијацијата на земјоделци Ефтим Шаклев, за поголеми приноси, освен сертифицирано семе, неопходно е и засејување на сортите во погодни подрачја.

“Бараме да се направат опитни полиња во различни региони зашто се зголемува бројот на сорти пченица и јачмен кои даваат високи приноси, но некои не се погодни за одредени подрачја. Затоа мора да се експериментира“, рече Шаклев.

Претседателот на Сојузот на земјоделците Вељо Тантаров потенцира дека сега е време да престане увозот на евтино српско брашно за да се откупи домашната пченица. Тој воедно апелира, производителите што поскоро да ги осигураат своите посеви.

Сопственикот на Агроунија и претседател на Агробизнис комората при Сојузот на стопански комори (ССК) Огнен Оровчанец, кој е и организатор на Денот на пченицата, смета дека моментно во Македонија сертифицирано семе се употребува за 30% до 40% од вкупните површини.