Ремонт на железницата Битола – Кременица

48

pruga99_0_0_468X10000Следната година ќе се реконструира железничката делница од Битола до Кременица, на границата со Грција, во должина од околу 17 километри.

Тендерската документација е веќе изработена и доставена до службите на Делегацијата на Европската унија на одобрување.

Откако ќе биде одобрена ќе се отпочне со тендерските постапки кои се предвидуваат во втората половина на годинава. Од министерството за транспорт и врски очекуваат градежните работи на оваа делница да започнат кон средината на идната година и да бидат завршени за 24 месеци, односно до средината на 2016 година.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески за МИА изјави дека при подготовката на документацијата за оваа делница е земена предвид и стопанската активност и економскиот развој во пелагонискиот регион и развојот на индустриската зона Жабени кај Битола.

“Со реализацијата на овој проект ќе се овозможи подобрување на железничката инфраструктура во земјата како стратешка транспортна точка во регионот и ќе се зајакне протокот на меѓународна трговија и директниот пристап до Солунското пристаниште. Особено е значајно тоа што ќе се поттикне протокот на товарниот сообраќај и меѓународниот патнички сообраќај и користењето на железничкиот транспорт во трговијата”, истакнува Јанакиески.

Со ремонтот на железницата планирана е реконструкција на приближно 17 километри колосек од крајот на станицата во Битола до границата со Грција, реконструкција на бројни премини, поврзување на колосекот со новата индустриска зона во Жабени и изградба на нова железничка станица за прекуграничен сообраќај (патен и товарен) со сите придружни објекти и нова сигнализација и телекомуникациски инсталации.