Западните производители на автомобили се загрижени поради „инвазијата“ на евтините кинески електрични автомобили во Европа, што го натера францускиот Renault да објави дека има за цел да ги намали трошоците за производство на своите електрични модели за 40 проценти.
Француската компанија соопшти дека најдобар начин да се одбрани од ценовната конкуренција е да ги намали сопствените трошоци за производство и развој. Целта е да се намалат трошоците од 2027 година, но Renault ќе почне да го спроведува планот во втората половина на оваа година, благодарение на падот на трошоците за суровини, пренесe Reuters.
Испораката на достапни електрични возила (ЕВ) стана приоритет за производителите на автомобили ширум светот, бидејќи преминот кон почисто возење доаѓа со високи цени, главно поради скапите батерии. Кинеските производители како BYD и SAIC користат пониски трошоци за работна сила и локални добавувачи на батерии за да добијат предност пред нивните конкуренти.
Според податоците на консултантската компанија „Иновев“, кинеските производители на автомобили во 2022 година имале учество од девет отсто на европскиот пазар на електрични возила, што е речиси двојно повеќе во однос на претходната година, а трендот на освојување на пазарот продолжил година.
Како и другите производители на електрични возила, Renault исто така се соочува со зголемен притисок од американскиот ривал Tesla, кој неколкупати ги намали цените оваа година на штета на намалувањето на сопствените маржи. Оваа година, Tesla ги намали американските цени на моделот Y за една четвртина на околу 50.000 долари
Конгломератот Stellantis објави дека конкуренцијата со кинеските производители ќе биде „исклучително брутална“, оценувајќи дека кинеската конкурентност лежи во трошоците кои се за 25 проценти помали. Mercedes објави дека се држи до својата стратегија и нема да се впушти во ценовна војна за да се пробие на пазарот.