Renault се откажува од сојузот со Nissan во обид да ја заживее продажбата во Кина

73
На Лука де Мео, извршниот директор на Renault SA, веројатно му е преку глава од слабиот бизнис на францускиот концерн во Кина. Тој сигнализира дека е подготвен да се откаже од планот што компанијата и нејзиниот јапонски партнер Nissan Motor Co. го подготвија пред години за да ги променат работите, пишува Bloomberg.

Двата концерни ја усвоија стратегијата „лидер-следбеник“ во мај 2020 година, според која секоја компанија ќе биде лидер во одредени региони. Целта беше да се оживее соработката и да се зајакнат инвестициите во алијансата, која беше потресена од внатрешните истраги за протерувањето и апсењето на поранешниот претседател Карлос Гон во 2018 година.

Планот ги идентификува главните географски области на Renault, Nissan и Mitsubishi Motors Corp., кои треба да ја зголемат конкурентноста и да стимулираат споделување ресурси.

Но, во обид да ја промени ситуацијата на Renault во Кина, Лука де Мео бара помош надвор од алијансата, остварувајќи партнерство со Geely Holding Group што вклучува продажба на хибридни автомобили на најголемиот светски автомобилски пазар.

„Целата стратегија на Renault во Кина беше погрешна“, изјави Де Мео за Bloomberg News на маргините на минатонеделниот медиумски настан. „Nissan не е виновен. Тие можеби се лидери во Кина, но не се таму за да го споделат тој успех“, додаде тој.

Договорот со Geely, кој исто така го контролира Volvo Car, објавен минатата недела, го нагласува несигурниот сојуз на Французинот со Nissan.

Иако двете компании закажаа брифинг за 27 јануари за да ги објават нивните нови заеднички проекти, нивната заедничка работа во Кина останува во втор план.

Според извори запознаени со оваа тема, Renault не го вклучил Nissan во разговорите со Geely, што доведе до прелиминарен договор во август. Иако сојузниците соработуваат во области, вклучително истражување и човечки ресурси, комуникацијата меѓу нив опаѓа.

Макото Учида, извршниот директор на Nissan, изјави за телевизијата „Bloomberg“ во четвртокот дека „алијансата секогаш ќе има стратешко партнерство“.

„Работиме на голем број нови технологии за електрификација, вклучувајќи платформи, електрични погони и батерии во рамките на Алијансата“, рече Учида. „Веќе 21 година успешно остваруваме соработка и синергии. Овој дух и размислување ќе продолжи и овој моментум мора да се зајакне“, додаде тој.

Renault продаде само 19.229 автомобили во Кина минатата година, намалувајќи го пазарниот удел на компанијата на 0,08%. Во исто време, продажбата на Nissan на овој пазар е намалена за 5,2% до 1,38 милиони единици.

„Nissan не успеа да не спаси“, изјави Де Мео.

Geely и Renault во петокот објавија дека веќе работат на дел од нивниот рамковен договор постигнат пред пет месеци. Фабриката Renault-Samsung во Бусан, Јужна Кореја, ќе произведува хибридни автомобили и мотори со внатрешно согорување користејќи ја архитектурата Geely, а производството се очекува да започне во 2024 година.

Renault може да се пофали со голем број партнерства во Кина. Во 2020 година, компанијата излезе од заедничкото вложување со Dongfeng Motor Corp. за да се фокусира на комерцијални возила и електрични возила. Во декември минатата година, групацијата соопшти дека неговиот бизнис со комерцијални возила со Brilliance Auto Group Holdings Co. не може да ги исполни финансиските обврски и започна реструктуирање.

Renault сè уште ја одржува фабриката на Nissan за изградба на Dacia Spring, која се извезува во Европа, како и бизнисот со електрични автомобили со Jiangling Motors Corp.

„Се обидуваме да ги разјасниме работите“, рече Де Мео, мислејќи на кинеските операции на компанијата. На Renault веројатно ќе му требаат неколку години за да го спроведе својот план за стимулирање на локалниот бизнис, додаде тој.