Ренесанса на производството на круши во македонската Тоскана

8

krusi

Дали македонската круша конечно се враќа на домашните трпези? Судејќи според најавите, родот од околу триесетина хектари засадени со оваа кај нас подзаборавена царска овошка во околината на Велес, може уште оваа есен да се најде на домашниот пазар. А, веќе во следните две до три години за очекување е нејзиното производството да се зголеми и за три пати.

Непрегледни насади со неколку видови овошки и лозја се простираат од левата страна во близина на автопатската делница Велес – Неготино. Исклучително питомиот предел, со топографија типична за централна Италија, е дел од атарот на велешкото село Кочилари. Утринската оморнина ја разбива само благиот ветер кој тука постојано дува, правејќи си место меѓу уредно одржуваните овошни насади и лозја. Ова е македонската верзија на Тоскана.

Во Друштвото за производство, трговија и услуги Жито Велес, кое стопанисува со овие земјоделски површини, повеќе скромно отколку фактографски, велат дека имаат свој удел во комплетното заживување на овој крај, затоа што во своето производство во Кочиларско, покрај житните култури, во голем дел вклучуваат и квалитетни овошни и лозови насади.

gjosevski
Жарко Ѓошевски, директор на секторот за земјоделие во ДПТУ Жито Велес

“На вкупно 139 хектари, вклучени насади со 20 хектари вишна, потоа 20 хектари праска, 6 хектари слива, 43 хектари винско грозје, како и 17 хектари трпезно грозје и она на што сме особено горди – со 33 хектари круша”, вели Жарко Ѓошевски, директор на секторот за земјоделие во ДПТУ Жито Велес, нагласувајќи дека на сите засадени овошни и лозови култури имаат инсталирано систем капка по капка, што практично значи дека на секое дрво или лоза има доток на вода и храна, со фертилизатори, кои директно преку системот капка по капка вршат исхрана на растенијата.

“Со оглед на фактот што нашето производство на овошни насади е релативно младо, од 2008 година, секоја наредна година очекуваме зголемување на приносот и количините. Вистинскиот пик го очекуваме во период од 2017 до 2019 година”, ги заокружува деталите Ѓошевски.

Компанијата Жито Велес стана популарна последниве година – две, во стручната и во генералната јавност, по тоа што практично ја вратија крушата во овоштарниците во земјава. Инаку, производството на круши во Македонија во последната декада е намалено, пред сè, како резултат на болеста ErwiniaAmylovora. За оваа болест на крушите, како што тврдат земјоделските авторитети, нема лек, а болеста се појави уште во деведесеттите години од минатиот век, кога уништи најголем дел од насадите со круша во земјава. Друга причина, согласни се експертите во областа на овоштарството, е тоа што по појавата на болеста и по уништување на насадите, голем дел од овоштарите масовно го напуштија производството, а токму во овој период се случи експлозивен развој во светот на технологија за огледување на круши. Познавачите на состојбите во оваа сфера се согласни дека развојот на технологијата, знаењето и експертизата не само што Македонија дека како земја го пропушти, туку дека и денес тоа ни недостасува за ефективно и продуктивно производство на оваа ценета овошка на европските и светските пазари.

Очигледно дека луѓето од Жито Велес не се поколебале од овие состојби и сериозно се фатиле во костец со предизвикот да ја вратат македонската круша на зелените пазари и во домовите.

„Ние влеговме во одгледувањето круши затоа што оценивме дека е време во Македонија да се актуелизира масовно ова производство. Постои пазар, постои побарувачка, крушата е едно од овошјата типични за ова поднебје, па оттука и потребата да ја имаме на пазарот. Ние се екипиравме и се обучивме за современите трендови, за таа цел посетувавме саеми, се консултиравме со експерти, имплементиравме докажани искуства и знаење, нашите вработени ги испраќавме на обуки. Насадите ни се релативно млади, вкупно 33 хектари од кои осум се засадени ланската година, па поради тоа родот што го очекуваме за оваа години е 200 до 250 тони круша”, вели Ѓошевски. Меѓутоа, прецизира тој, со оглед на површината која Жито Велес ја има засадено со круша, вистинската ренесанса на оваа овошка, во полн род, се очекува да биде во периодот 2017-2019 година, кога би требало да се соберат околу од 600 до 800 тони квалитетна круша од насадите во атарот на селото Кочилари.

Летната жега не ја запира работата на откупниот пункт на Жито Велес во близина на насадите. Таму, повеќе камиони чекаат на ред да товараат овошки уредно спакувани во гајби и да се најдат на трпезите на домашните и европските пазари. Овој пат, тоа беа трпезното грозје, праските и сливите. За крушките ќе почекаме уште некоја недела. Несомнено, македонската Тоскана знае да ја награди трпеливоста и посветеноста на оние кои што вредно работат на неа!