Рено ја започна годината со поголеми приходи

11

Француската автомобилска групација Renault забележа 11,7 милијарди евра приходи од продажба во првиот квартал од оваа година, што е за 1,8 отсто повеќе во однос на истиот период лани.
Вкупно продаде повеќе возила отколку во првите три месеци од минатата година, при што учеството на електричните возила е нешто помало.

„Ова е најсилниот квартал од 2019 година во апсолутна вредност“, рече главниот финансиски директор Тиери Пиетон во денешниот извештај за заработката на групата.

Групацијата во првиот квартал продаде 549.099 возила, што е за 2,6 отсто повеќе во однос на истиот период лани. Уделот на електрифицираните возила се зголеми за осум процентни поени на 48 отсто, а групацијата предвидува натамошен раст со почетокот на продажбата на електричните модели Scenic, Renault 5 и Renault 4. Уделот на електричните возила беше 10,5 отсто, откако во истиот период минатата година со 11 отсто, објави француската новинска агенција АФП.

Финансиските трансакции на групацијата, кои вклучуваат и кредитирање на клиенти или плаќање на рати, изнесуваат 1,2 милијарди евра, што е за 27,9% повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Причината, тврдат од групацијата, се повисоките каматни стапки.

Воедно, компанијата ги потврди своите деловни очекувања за оваа година. Меѓу другото, годинава очекува оперативната маржа на концернот да биде најмалку 7,5 отсто.

Рено минатата година се врати на профитот благодарение на зголемената продажба на сметка на новите модели и зголемувањето на цените.