Решена мистеријата на кривата кула во Пиза

297

Фото: Pixabay

Група инженери од италијанскиот универзитет Tre University во Рим конечно ја решија загатката како кривата кула во Пиза иако нестабилна, повеќе од 600 години им “оддолева” на силните земјотреси во централниот италијански регион, пишува IFL Science.

За разлика од сите претходни студии што се фокусираа на анализа на расположливите структурни и сезимички податоци, како и испитување на физичките, механичките и хемиските својства на градежните материјали, карпите и почвата, ова истражување отиде чекор понатаму. Заклучокот е дека истата почва што ја предизвикува нестабилноста, може да се смета и за причина што кулата ги “преживела“ сите сеизмички настани.

Имено, резултатите покажале дека способноста на кулата да издржи силни сеизмички вибрации, доаѓа од феноменот наречен динамична интеракција на почвата (DSSI). Во суштина, интеракцијата помеѓу висината на кулата (55метри), меката почва на којашто е закотвена и цврстината на мермерот (од којшто е направена) и овозможува на градбата да има вибрациони карактеристики што го спречуваат процесот на поминување на сеизмичките бранови низ земјата.

Познатата крива кула во Пиза, всушност е камбанарија на катедралата лоцирана на плоштадот Пјаца деи Мираколи и започнала да се гради во 1173 година. Кулата почнала да се навалува кога градежниците го започнале третиот од планираните осум ката. Меката земја од песок, кал и глина веднаш биле идентификувани за главни “виновници” за навалувањето. Градбата била прекината во следните 100 години, поради избивањето на крстоносните војни, а во 1272 година архитектите го поместиле аголот за да го надоместат искривувањето. Но, уште еднаш избила војна, па така конечниот осми кат е завршен во 1370 година, давајќи и го на кулата карактеристичниот заоблен изглед.

По серија интервенции за стабилизиација во текот на 20-иот век, врвот на кулата е намален и поместен од центарот на основата за 3,9 метри.