Ресторан нуди бесплатно вино за оние кои се откажуваат од телефонот додека јадат

25

Италијански ресторан им нуди бесплатно шише вино на гостите кои се откажуваат од мобилните телефони за време на оброкот.
Целта на Анџело Лела, сопственикот на неодамна отворениот ресторан „Ал Кондоминио“ во Верона, е да ги поттикне гостите да разговараат додека јадат наместо постојано да гледаат во нивните телефони, објави „Гардијан“.

Лела рече дека сака да отвори ресторан кој се разликува од другите.

„Технологијата станува проблем – нема потреба да гледате во вашиот телефон на секои пет секунди, но за многумина тоа е како дрога. На овој начин имаат можност да го остават телефонот на страна и да се напијат добро вино“, изјави Лела.

Гостите од ресторанот кои ќе решат да го направат тоа, го ставаат телефонот во посебна кутија на влезот и го покажуваат клучот на келнерот кој ќе им донесе шише вино.
Во кутијата гостите можат да ја стават и својата оценка за оброкот, а на оние кои се највпечатливи ќе им биде понуден бесплатен оброк следниот пат кога ќе дојдат.

„Гардијан“ пишува дека со ветувањето за бесплатно вино, ресторанот стана популарен меѓу оние кои се подготвени да се „детоксираат“ од мобилните телефони.

„Одговорот е многу позитивен“, рече Лела, додавајќи дека 90 отсто од гостите избрале да ги остават своите телефони во замена за вино.

Лела исто така рече дека е убаво да се видат луѓето како разговараат меѓу себе наместо да гледаат слики или да одговараат на пораки.

Ал Кондоминио верува дека тоа е првиот ресторан во регионот Венето со новата иницијатива, иако има неколку други места, вклучително и еден во Тоскана кој на гостите им дава ваучери доколку ги остават своите мобилни телефони зад себе.