Рестораните за свадби најверојатно ќе почнат да работат кон крајот на мај доколку епидемиолошката слика тоа го дозволува, најави денеска министерот за економија, Крешник Бектеши.
“Ние секоја недела носиме полабави мерки. Ако тоа го дозволи ситуацијата, и овие објекти ќе може да работат по посебни протоколи“, рече Бектеши.
Според него, оваа одлука ќе се донесе заедно со Комисијата за заразни болести, доколку епидемиолошката слика го овозможи тоа.
Во однос на најавата за недела – неработен ден, Бектеши рече дека на ЕНЕР е поставен предлог-законот за трговија каде што е предвидено да работат трговските центри и трговците поединци, но под посебни услови – работниците да добиваат 100 отсто поголема дневница од онаа што им се исплаќа во другите денови и објектите, како трговски центри и бензински пумпи, да плаќаат по два отсто од приходите што ги заработуваат во недела и ќе се користат за изградба на градинки.
За оние што нема да ги почитуваат овие законски одредби, предвидени се санкции, а дополнителни и Пазарната инспекција ќе може да врши контрола дали се исплаќаат вакви дневници, што досега не било случај.
Бектеши ги демантираше информациите објавени во некои медиуми дека угостителските објекти во недела ќе работат само една смена и посочи дека тоа е регулирано во Законот за угостителска дејност.
Фото: Pixabay












