
Со цел да се утврди степенот на искористеност и регионална достапност на услугите што ги обезбедува современата медицинска опрема, како и нивното влијание врз задоволување на потребите за здравствена заштита на населението, Државниот завод за ревизија спроведе ревизија на успешност на тема „Искористеност на современа медицинска опрема“.
Со ревизијата беше опфатенa современата медицинска опрема со најголема набавна вредност и со најизразена потреба и интерес за услугите со истата, како што се:
⦁ компјутерска томографија (КТ),
⦁ ангиографи,
⦁ акцелератори,
⦁ мамографија со томосинтеза и стереотакса,
⦁ позитронско – емисиона томографија во комбинација со компјутерска томографија (ПЕТ/КТ) и
⦁ апарат за роботска рехабилитација.
Исто така, беа анализирани и политиките и преземените активности за набавка, ставање во употреба и користење на медицинската опрема во периодот од 2021 година до 2023 година, а одредени прашања и настани се опфатени пред и по овој временски опфат.
Анализата на снабденоста со современа медицинска опрема по градови покажува дека во изминатите три години е постигнат напредок во обезбедувањето на регионална распределеност на новата опрема во јавното здравство, како и во зголемувањето на вкупниот број здравствени услуги.
Сепак, дел од опремата сè уште не е ставена во употреба или не се користи во доволна мера, главно поради недостиг на човечки ресурси и/или необезбедени просторни и други услови. Поради тоа, за одредени услуги и натаму не е обезбедена соодветна регионална достапност и задоволување на потребите на населението за здравствена заштита.
Во досегашниот период поставените стратешки цели се реализирани делумно, а набавката на нова современа медицинска опрема за јавни здравствени установи (ЈЗУ) , било со буџетски средства или преку проекти, не секогаш се вршела врз основа на критериуми за утврдување на приоритети за потребите, ниту била извршена соодветна анализа и координација за просторни услови, придружна опрема и стручен и обучен кадар за работа со истите.
Во анализираниот период 2021-2023 година за потребите на ЈЗУ набавена е медицинска опрема во вкупна вредност од 16,2 милиони евра финансирана со буџетски средства, средства од заем и донација.
Целиот извештај на следниов линк