Резервирате туристички аранжман? Овие работи ќе ви бидат од корист

467

Дали почнавте да го планирате летниот одмор или, пак, планирате некое патување на далечна дестинација или во некој зимски центар? Ако сте резервирале туристички аранжман во туристичка агенција, во тој случај, советите од брошурата на Министерството за економија и Организацијата на потрошувачи на Македонија, ќе ви бидат посебно корисни.

Па така, туристичката агенција (организатор на патувањето) е должна да склучи договор со патникот, во којшто јасно ќе бидат определени и наведени видот, условите и начинот на давање на услугите. Исто така, туристичката агенција на патникот треба да му издаде и фискална сметка, програма за патување, потврда за патувањето и туристички ваучер.

Туристичката агенција има право да ја зголеми цената на патувањето најмногу за 10%, само под услов ако тоа е предвидено во потврдата за патувањето. Ако цената се зголеми повеќе од 10%, патникот има право да го раскине договорот без обврска да ја надомести штетата или да плаќа казнени пенали. Исто така, туристичката агенција не смее да ја зголеми цената на аранжманот, утврдена во договорот, 20 дена пред договорениот ден за започнување со користењето на туристичките услуги.

Организаторот на патувањето има право да го раскине договорот, целосно или делумно, без обврска да надомести штета на патникот, доколку настапиле вонредни околности. Втор случај во којшто организаторот може да го раскине договорот без да сноси обврска за надомест на штета, е кога условот за минимален број на патници што е предвиден во потврдата за пакување не е исполнет. Тогаш, туристичката агенција има обврска да го извести патникот најмалку пет дена пред денот кога патувањето требало да започне.

Патникот има право да го промени терминот на датумот на поаѓање. Тоа е возможно да се направи за истиот аранжман најмалку 15 дена пред денот на претходно потврденото поаѓање.

Доколку договорените услуги се нецелосно или неквалитетно извршени од страна на организаторот, патникот има право да бара намалување на платената цена за туристичките услуги. Услов за тоа е поднесување на приговор до организаторот најмалку осум дена од денот на завршување на патувањето.

Доколку патникот пред почетокот на патувањето навремено се откаже од договорот во разумен рок, туристичката агенција има право само да добие надомест за административни трошоци. Како разумен рок е најдоцна до 31-от ден пред почетокот на патувањето. Во случај патникот ненавремено да се откаже од договорот, туристичката агенција може да побара надомест: за откажување до 30 дена пред патувањето се наплатува 5%; за откажување од 29 до 22 дена пред патувањето – 10%; од 21 до 15 дена пред патувањето – 20%; од 14 до осум дена – 50% и за откажување од седум до еден ден пред патувањето 90%.

Ако патникот се откаже од договорот непосредно по почетокот на патувањето, а причините за тоа не се оправдани, организаторот има право на полниот износ на договорената цена на патувањето.

Ако патникот се откаже од договорот непосредно по почетокот на патувањето, а причините за тоа не се оправдани (променети околности или виша сила), организаторот има право на полниот износ на договорената цена на патувањето. Во случај на откажување на веќе потврдена резервација, организаторот ќе наплати отказни трошоци во висина на уплатената аконтација. Доколку патникот се откажува од аранжманот пред почетокот на патувањето, поради причини кои не можел да ги предвиди, избегне или отстрани (болест, повреда или смрт во потесното семејство, елементарна непогода или слично), а врз основа на важечка потврда од надлежните органи, во тој случај не ги плаќа отказните трошоци по наведената скала, туку само трошоците произлезени од откажувањето на аранжманот, за кои организаторот е обврзан да ги плати без право на рефундација (административни трошоци).

Доколку патникот се откажува од аранжманот по почетокот на патувањето (за време на патувањето или за време на престојот во местото на патување), поради настани кои се резултат на влијание на виша сила (воени настани, терористички акти, елементарни непогоди, сообраќајни незгоди или слично), кои ниту патникот ниту организаторот не можел да ги предвиди, избегне или отстрани, организаторот на патувањето не сноси одговорност ниту има обврска за поврат на средствата за нереализирани услуги, освен доколку крајниот давател на услугите прифати и изврши нивна рефундација.

Фото: Pexels