Римац доби огромна инвестиција, дури половина милијарда евра

100

Групацијата Римац собра 500 милиони евра во последната рунда инвестиции, соопшти компанијата. Така, пазарната вредност на компанијата надминува 2 милијарди евра.
Новите инвеститори се светски познатите компании SoftBank и Goldman Sachs. Во оваа рунда инвестиции учествуваа и претходните инвеститори Porsche и InvestiIndustriaL.

Goldman Sachs е добро позната американска инвестициска банка со повеќе од 150 години историја, а SoftBank е јапонска мултинационална корпорација фокусирана на инвестирање во технолошкиот сектор.

И двете компании се познати инвестициски имиња кои носат и одреден престиж.

Свеж капитал ќе биде искористен за продолжување на растот на компанијата, зголемување на производствените капацитети и дополнителни вработувања, велат од Rimac Group, пренесува Индекс.

Посебен фокус ќе биде на проширување на бизнисот на Rimac Technology, дел од Rimac Group која произведува технолошки компоненти за други производители, како што се батерии за електрични автомобили, електрични погонски единици итн.

„Почестени сме од поддршката на значајни нови инвеститори како што се SoftBank Vision Fund 2 и Goldman Sachs Asset Management, кои веруваат во нашата визија. Благодарни сме и на Porsche и InvestIndustrial кои одиграа важна улога во нашиот досегашен успех, а сега ја зајакнаа поддршката со нови инвестиции“, изјави Мате Римац.

Во пресрет на јавната објава, се одржа конференција за медиуми на интернет, на која Мате Римац зборуваше за деталите од новата рунда инвестиции и планови, но се осврна и на минатото на компанијата.

Тој истакна дека Римац Груп во моментов има околу 1.500 вработени, додека пред 12 години имаше само еден – тој самиот. Од почетокот на годинава се вработени дополнителни 300 лица, а до крајот на годинава се очекува таа бројка да порасне на 700.

Групацијата работи на четири локации во Загреб и по една во Сплит и Осиек. Но, во принцип се работи за меѓународна компанија, која освен во Хрватска, има канцеларии или погони во Англија, Франција и Германија.