Римските хотелиери протестираат поради зголемувањето на туристичката такса

Хотелиерите во Италија протестираат поради зголемувањето на туристичката такса што ја усвои градот Рим. Во октомври таксата за престој за апартманите ќе се зголеми од 3,5 на шест евра за ноќевање, за класичните хотели со две ѕвезди од три на пет евра, а за луксузните хотели од сегашните седум на десет евра.

Во време кога туризмот во Рим повторно цвета по тешкиот период на пандемијата, апсурдно е градскиот совет да ја оптоварува индустријата со зголемување на туристичката такса.

„Туризмот во Рим го зголемува бруто домашниот производ и ја стимулира економијата“, ја оспори таа одлука Џузепе Рочиоли, претседател на римската хотелска асоцијација Федералберги, пишува SEEbiz повикувајќи се на австриската новинска агенција АПА.

Критики се слушнаа и од редовите на опозицијата во градскиот совет на Рим. „Ако градската власт треба да заработува пари, не треба да го прави тоа на сметка на туристите“, вели Федерико Рока, член на опозициската партија „Браќата на Италија“.

За да се наполни празната каса, се повеќе општини во Италија воведуваат данок за престој. До пред неколку години туристите го плаќаа само во неколку уметнички градови.

Се проценува дека благодарение на овој данок италијанските општини ќе инкасираат рекордни 679 милиони евра во 2023 година. Според опсерваторијата JFC, тоа е за 9,5 отсто повеќе од лани. Бројката е исто така поголема од преткризната 2019 година, кога застана на 622 милиони евра.

Со оглед на тоа што Италија секоја година бележи милиони ноќевања, туристичката такса се смета за вистински благодет за општинската каса, пренесува АПА. Високите трошоци за одржување на палати, споменици и паркови општината ги финансира преку даноци. Данокот за престој премногу често го покрива кусокот од општинската каса.

Рим и Венеција се меѓу градовите со највисоки туристички такси. Неодамна на островот Понка во Тиренското Море јужно од Рим беше воведена туристичка такса од едно евро по посетител.