РКЕ донесе правила за сајбер безбедност за енергетските компании

75

Со цел да се обезбеди сигурност во снабдувањето и да се намалат ризиците од нарушување на континуирано снабдување со електрична енергија, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) донесе Правила за сајбер-безбедност. Новата регулатива за сајбер безбедност се воспоставува како стандард за енергетски компании од електроенергетскиот сектор и е изработена во соработка со NARUC (National Association of Regulatory Utility Commissioners) и USAID.
„Сведоци сме дека информатичката инфраструктурата која е од витално значење за
функционирање на една држава и која се дефинира како критична инфраструктура, е често цел на сајбер напади. Енергетската инфраструктура изобилува со податоци од кои зависи доверливото функционирање на енергетските пазари, а РКЕ има стратешка улога да обезбеди добро функционирање на националните енергетски пазари. Сајбер-отпорноста и сајбербезбедноста не се проблем само за ИТ, тоа е и безбедносно прашање, но пред се е и регулаторно. Затоа подготвивме правила и препораки кои треба да ги следат и спроведат енергетските компании со цел да се обезбеди сигурност во снабдувањето, заштита на учесниците на пазарот и потрошувачите и зајакната ефикасност, конкурентност и транспарентност на енергетските пазари.’’ изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.
Во сетот на сајбер безбедносни правила донесена е и Листа на препораки за
електроенергетските компании кои треба да се спроведат од МЕПСО и Електродистрибуција како и од производителите на електрична енергија кои управуваат со електроцентрали со вкупна инсталирана моќност еднаква или поголема од 200MW (ЕЛЕМ, ТЕ-ТО). Операторите и производителите се должни да назначат службеник за сајбер безбедност и да дадат приоритет на мерки за заштита на критичната инфраструктура, за која ќе има соодветна процедура за следење, известувања и справување со сајбер напади.