РКЕ:Над половина од енергетските капацитети се од обновливи извори

Повеќе од половина од достапните енергетски ресурси во земјата се од обновливи извори (55,72%), како што покажуваат информациите од Годишниот извештај за 2024 година на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и комунални дејности (РКЕ).

Во извештајот се забележува првпат поголем инсталиран капацитет на фотоволтаичните централи (28,40%) во однос на инсталираниот капацитет на хидроелектраните (24,13%).

“Со цел зајакнување на енергетската стабилност и независност, во услови на доминација на капацитетите од обновливи извори, неопходно е во претстојниот период да се поттикнат инвестиции што ќе обезбедат балансна енергија”, вели Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

Во делот за природен гас и топлинска енергија, РКЕ во Годишниот извештај ги забележува како значајни настани: завршената сертификација на Операторот на системот за пренос на природен гас НОМАГАС, како и започнувањето на процедурите за издавање на лиценци на Друштвото за снабдување со пареа и топла вода ЕНЕРЏИ ЕКОЛИНК АД Скопје (поранешна Топлана Скопје Север).

Резимираните анализи во секторот водни услуги уште еднаш го потврдуваат високиот процент на неплатена вода и во 2024 година. Регистрирани се загуби на вода на национално ниво во просек од речиси 64%.

Годишниот извештај за 2024 година за работата на РКЕ е достапен на следниот линк:
https://www.erc.org.mk/page.aspx?id=342