Роботи ќе затворат 85 милиони работни места за пет години

41

Роботи ќе затворат 85 милиони работни места во средни и големи компании во следните пет години, бидејќи пандемијата од коронавирусот ќе ги забрза промените на пазарот на труд и ќе ја зголеми нееднаквоста, оценува Светскиот економски форум (World economic forum – WEF).

Според истражување спроведено во 300 компании во светот, четири од пет компании ги забрзуваат плановите за дигитализација на работењето и примена на нови технологии, пренесува Ројтерс.

Работниците за да ги задржат своите места ќе мора во следните пет години да научат нови вештини, бидејќи до 2025 година работата ќе биде подеднакво поделена меѓу луѓето и машините.

Создавањето на нови работни места, како што се наведува, се очекува да забави, а нивното затворање се забрзува, бидејќи компаниите ширум светот сè повеќе користат технологија за извршување на бројни задачи.

Од друга страна, се очекува отворање на 97 милиони нови работни места и можност луѓето да ја задржат својата компаративна предност во области како што се зелена економија, вештачка интелигенција и слично.

Фото: Freepik