Во тек е третата фаза од сѐ популарната кампања на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата – Младост без лудост. Кампањата има за цел се сврти вниманието за ризиците со коишто се соочуваат младите луѓе во сообраќајот и да се разбудат нивните позитивни сообраќајни навики.
“Кампањата Младост без лудост започна да се реализира минатата година и истата стана препознатлив белег за подигнување на сообраќајната култура и свест кај младата популација. Младите возачи влегуваат во категоријата ранливи учесници во сообраќајот. Токму поради тоа, во пресрет на летото и на матурските прослави, РСБСП започнува со реализација на третата фаза од оваа интересна и креативна кампања“, велат од РСБСП.
“Свесни сме за тежината кога е во прашање едукацијата на оваа специфична група учесници во сообраќајот. Но, кампањата ќе биде осмислена и дизајнирана така што на вистински начин ќе се обрати до нив и ќе ги постигне саканите ефекти. Наша цел е да се подигне сообраќајната свест, култура и одговрност, а истовремено да се намали бројот на загинати и на повредени млади луѓе“, потенцираат од РСБСП.
“Младост е да се опуштиш со пијачка, лудост е да се опуштиш кога возиш“, “Младост е да немаш граници, лудост е да ја преминеш ограничената брзина“, “Младост е да леташ во облаци, лудост е да леташ по улици“ се само дел од пораките што ќе бидат комуницирани во текот на кампањата.
Возење под дејство на алкохол, употреба на психотропни супстанции, возење со брзина поголема од дозволената, како и отсуство на употреба сигуреносен појас и понатаму остануваат главни причини за сообраќајни незгоди во кои гинат млади луѓе.
Сообраќајните незгоди, според светската статистика, се наоѓаат на врвот на листата “виновници“ за смрт кај младата популација.
Согласно сообраќајната статистика на Министерството за внатрешни работи, како резултат на лудо и неодговорно учество во сообраќајот, минатата година 32 млади лица на возраст од 15 до 24 години, го загубиле животот во сообраќајни незгоди, а 1.433 лица се повредени. Во Европската Унија, околу 20% од вкупниот број загинати се млади лица на оваа возраст. Секој ден, приближно 1.000 млади луѓе гинат на патиштата ширум светот.
И овој пат, РСБСП апелира до сите учесници во сообраќајот, а особено до младите: почитувајте ги сообраќајните правила и прописи и учествувајте во сообраќајот безбедно и одговорно.