РСБСП СО АПЕЛ: Честит Илинден! Прославете достоинствено и одговорно и имајте на ум дека сообраќајните незгоди не бираат место и време!

12

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата на сите граѓани на Република Северна Македонија им го честита најголемиот државен празник – 2-ри Август, – Илинден.

Почитувани граѓани, пред нас е најголемиот државен празник Илинден. Празник кој треба да го одбележиме достоинствено и со сите почести. Празниците се денови кога треба да прославиме, да се потсетиме на минатото,  но и да  погледнеме во иднината. Празниците се денови на сеќавање, слава и радост.  Најважно од се ѐ празниците да останат во добар спомен и да ги памтиме по убавите работи кои се случуваат.

Поучени од некои лоши моменти и лоши случки од минатите години,  РСБСП со апел до сите учесници во сообраќајот за совесно, одговорно и пред сѐ безбедно учество во сообраќајот.

Индикаторите за безбедноста  на сообраќајот  на патиштата укажуваат  на фактот дека  во летниот период, за време на годишните одмори, во услови на зголемена сообраќајна фреквенција, високи температури и опуштена атмосфера, се зголемува  ризикот за влошување на безбедноста на сообраќајот на патиштата. Конкретно, статистичките податоци покажуваат дека во летниот период, односно во летните месеци, доаѓа до речиси двојно зголемување на бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди во однос на останатите месеци од годината.  Дополнително ризикот се зголемува кога станува збор за празници односно за продолжен викенд во сезона на годишни одмори,  а токму такви се деновите  кои доаѓаат.

Затоа,  РСБСП  Ве повикува:

  • Намалете ја брзината и возете одговорно
  • Не управувајте и немојте ниту да започнете да управувате моторно возило доколку имате консумирано алкохол
  • Останете смирени и безбедни и во ситуација на сообраќаен метеж. Немојте да возите слалом, да пристигнувате на полна линија или да пристигнувате колона на возила.
  • Бидете фокусирани и концентрирани во сообраќајот, гледајте во коловозот и не користете мобилен телефон  за време на управувањето со возилото.
  • Држете безбедно растојание помеѓу возилата.
  • Возете одморени, со претходно испланирано патување и со редовни паузи за време на патувањето.
  • Направете техничка проверка на возилото и бидете сигурни дека вашето возило е подготвено за безбедно патување.
  • Користете сигурносен појас и соодветно детско седиште.

Без разлика на кој начин учествувате во сообраќајот – возач, мотоциклист, велосипедист или пешак, најважно од се е  безбедно да пристигнете до саканата дестинација.

РСБСП на сите учесници во сообраќајот им го честита големиот празник – Илинден  и им  посакува безбедни патувања и безбедно пристигнување на посакуваната дестинација. Возете одговорно и останете безбедни во сообраќајот! Да ги паметиме празниците по убавите работи!

Честит 2-ри Август!    Честит ИЛИНДЕН!   Возете одговорно!