Рудникот во Лојане ќе почне со работа за три години и ќе отвори 300 работни места

44

Рудникот за експлоатација на минералната суровина антимон во кумановско Лојане, во општина Липково, ќе почне со работа во 2017-та година и ќе отвори 300 нови работни места.

За овој рудник е објавен јавен повик за доделување под концесија за експлоатација на антимон.

„Рудникот во Лојане се очекува да почне со работа во 2017 година, со ангажирање на најмалку 300 работници. Инвестицијата за отворање на овој рудник е 30 милиони евра, со што освен директните приливи од концесијата и новите работни места, инвестицијата ќе значи и дополнителна можност за заработка на многу локални мали и средни компании од кумановско-липковскиот регион“, рече министерот за економија, Ваљон Сарачини.

Сите заинтересирани инвеститори треба понудите да ги достават најдоцна до 14-ти мај оваа година, а електронското наддавање преку системот на електронски концесии, ќе се одржи на 19-ти мај.

Досега се доделени 332 концесии за експлоатација и околу 100 концесии за детални геолошки истражувања на минерални суровини.