Рудникот Злетово може да се затвори ако не ги исполни условите за заштита на животната средина

88

rudnik_zletovo Индо минерали и метали во рок од десет дена треба да ја достави на увид техничката документација за покривање на бетонските канали за пренос на јаловина од технолошките процеси од флотацијата во рудникот Злетово. Доколку компанијата ја нема оваа документација, ќе треба да ја изработи за најмногу 15 дена.
Ова беше заклучено при увидот на државниот секретар за животна средина, Соња Лепиткова и директорот на Државниот инспекторат за животна средина, Фирис Мемед на затворањето и санирањето на бетонските канали за пренос на јаловина од технолошките процеси од флотацијата во рудникот Злетово.
“Започнати се некои зафати за нивно покривање, но се работи без проектна документација во чија подготовка треба да бидат инволвирани екперти кои ќе гарантираат за безбедност на животната средина”, изјави директорот Мемед.
Од рудникот, нагласи Лептикова, тврделе дека имаат проект, но инспекторите го бараат на увид.
“Проектната документација треба да биде ревидирана од соодветни консултантски куќи кои доколку утврдат дека на овој начин може да се изведува, од наша страна како Инспекторат нема да има пречки”, нагласи Мемед.
Липиткова додаде дека нема да има отстапување и дека компаниите мора да ги почитуваат законските регулативи во делот на екологијата.
“Нема отстапување од намерата на Владата дека ќе биде затворена секоја компанија која нема да ги исполни условите, односно нема да се приспособи на најсоодветните техники и технологии”, потенцира Липиткова.
Таа посочи дека јаловината во отворениот систем се пренесува низ урбано подрачје и секојдневно демнее опасност од хаварија која ќе има трајни последици како за населението, така и за животната средина.