Руперт Мардок, медиумски магнат во чија сопственост се американски Fox, британскиот таблоид The Sun и New York Post, купи мнозински пакет акции во National Geographic за 725 милиони долари. Компанијата на Мардок презеде 73% од сопственоста над National Geographic, со што стана издавач на популарното списание.
National Geographic од основањето во 1888 беше непрофитна организација, но поради кризата во печатените медиуми, мораше да влезе во бизнис со компанијата 21st Century Fox на Мардок. Нивното партнерство датира уште од 1997 година, кога беше лансиран National Geographic каналот, пишува Бизнис инсајдер.
Новоформираната компанија ќе биде позната под називот National Geographic Partners, со поделена структура и еднаква застепеност во одборот на директори.
Ова партнерство ги вознемири фановите на списанието National Geographic, кое секогаш се залагаше за науката и откритијата, додека Мардок важи за скептик во однос на климатските промени и глобалното затоплување.