
Рекордна цена на златото
Цената на златото, кое се смета за побезбедно засолниште за капиталот во неизвесни времиња, утринава достигна ново рекордно ниво – 3.111 долари за унца.
Поради неизвесноста на финансиските пазари, цената на златото порасна за повеќе од 18 отсто од почетокот на годината и е на пат за најголемиот квартален скок од 1986 година.
И на девизните пазари благо падна вредноста на доларот во однос на кошничката валути.
Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утринава се движи околу 103,88 поени, додека во петокот навечер изнесуваше 104,01 поен.
Курсот на доларот во однос на јапонската валута се лизна од 149,90 на 149,10 јени.
Американската валута ослабе и во однос на европската, па цената на еврото достигна 1,0835 долари, додека во петокот вечерта беше 1,0827 долари.
Цените на акциите на азиските берзи во понеделникот остро паднаа бидејќи инвеститорите стравуваа од ескалација на тарифната војна, а поради неизвесноста на финансиските пазари цената на златото достигна ново рекордно ниво.
Азиско-пацифичкиот берзански индекс MSCI беше во минус од 1,9 отсто во 7:00 часот.
Јапонскиот индекс Никеи потона за повеќе од 4 отсто, додека цените на акциите во Шангај, Австралија, Хонг Конг и Јужна Кореја паднаа меѓу 0,9 и 2,8 отсто.