Русија бара од ММФ објективна анализа за влијанието на санкциите врз монетарниот систем

167

Русија го повика Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) „објективно да го анализира“ влијанието на санкциите врз меѓународниот монетарен систем, истакнувајќи дека ги поддржува апелите за ограничување на „честите еднострани ограничувања на трговијата и инвестициите“, објави новинската агенција ТАСС.

„Ги поддржуваме повиците (на ММФ) за зачувување на мултилатерализмот, ограничување на честите еднострани ограничувања на трговијата и инвестициите, како и напорите на фондот да ги процени економските последици од фрагментацијата на трговијата“, ја цитира ТАСС изјавата на министерот Антон Силуанов во изјавата споделена минатата недела на состанокот на Меѓународниот монетарен фонд и Финансискиот комитет (IMFC) во Вашингтон.

„Го повикуваме ММФ да спроведе темелна и објективна анализа и проценка на влијанието на финансиските ограничувања и санкции врз меѓународниот монетарен систем“, се наведува во соопштението за печатот.

Руската економија континуирано бележи високи стапки на раст, пренесува Хина и покрај притисокот од невидените санкции и ги надминува повеќето прогнози, вклучително и оние на ММФ, истакна Силуанов.

Годинава очекуваме економски раст со стапка од 3,9 проценти“, се наведува во соопштението.

Во своите редовни есенски прогнози, ММФ процени дека руската економија годинава ќе порасне за 3,6 отсто. Во 2025 година, растот треба нагло да забави, до проценета стапка од 1,3 отсто.

Силуанов, исто така, минатата недела предупреди дека Русија е подготвена со иста мерка да возврати на употребата на замрзнатите руски средства од Западот.

„Доколку западните земји почнат да ги користат приходите од замрзнатите златни и девизни резерви на Руската Федерација, ние апсолутно ќе го сториме истото. Имаме замрзнати пари на непријателски компании, организации и исто така апсолутно ги чуваме на нашите сметки и на сличен начин ќе ги користиме приходите од користење на такви средства, такви ресурси. Ќе ги насочиме кон потребите на економијата, кон потребите на регионите на Руската Федерација“, изјави рускиот министер за финансии за телевизијата Росија-24.

Според него, таквите одлуки веќе се спроведуваат, јави ТАСС.

Минатата недела Европскиот парламент одобри вонреден заем за Украина од 35 милијарди евра, кој треба да се финансира со средствата од замрзнатите руски средства, како дел од пакетот на групата Г7 со вкупна вредност од околу 45 милијарди евра.

Рускиот заменик-министер за финансии Иван Чебесков тогаш предупреди дека употребата на замрзнати руски средства ќе има сериозни последици за меѓународниот монетарен и финансиски систем.

„Американскиот долар се повеќе се користи како оружје што го потсетува светот на ризиците поврзани со трансакциите во американската валута. Се разбира, земјите во развој бараат други валути за извршување трансакции и резерви“, рече Чебесков.