Русија го суспендира објавувањето на податоците за увозот и извозот

76

Руската царинска служба одлучи привремено да го прекине објавувањето на податоците за увозот и извозот за да се избегнат грешки и шпекулации, изјави директорот Владимир Булавин, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ја поддржувам оваа одлука за да се избегнат лажни предвидувања и шпекулации. Оваа одлука е привремена мерка“, изјави Владимир Булавин.

Последните податоци за увозот и извозот на Русија беа објавени во март и се однесуваат на месец јануари.

Според Централната банка на Русија, извозот се очекува да падне за 12 отсто на 484 милијарди долари оваа година, додека увозот се очекува да падне за 30 отсто на 266 милијарди долари.

Руската влада во март објави дека, како одговор на западните санкции, го забранила извозот на телекомуникациски, медицинска, автомобилска, земјоделска, електрична и техничка опрема и некои дрвени производи до крајот на оваа година.

На почетокот на април руското Министерство за енергетика го прекина објавувањето на месечните податоци за производството и извозот на нафта, а Централната банка престана да објавува статистики за надворешната трговија и надворешниот долг.