Русија размислува за укинување на забраната за извоз на бензин

71

Руското Министерство за енергетика предложи укинување на забраната за извоз на бензин, изјави министерот Сергеј Цивиљов, истакнувајќи дека цените на домашниот пазар се стабилизирале по период на посилна побарувачка.

„Министерството за енергетика подготви предлози за укинување на забраната за извоз на бензин и веќе ги достави до Владата на разгледување. Состојбата на пазарот е стабилна, така што ограничувањата може да се укинат“, рече министерот.

Владата на почетокот на март го забрани извозот на бензин на шест месеци за да обезбеди снабдување на домашниот пазар, пренесува Хина. Во мај ја прекинаа забраната на еден месец, заклучувајќи дека на домашниот пазар има премногу бензин.

Рафинериите би можеле да ја намалат преработката поради акумулираните залихи, а пристаништата мора да испраќаат пратки нарачани од странски клиенти, објаснија тие.

Пред истекот на забраната, на крајот на август, одлучија да ја продолжат до крајот на годината за да се задоволи вообичаено посилната домашна побарувачка во тој период од годината и да се надоместат недостатоците во периодот на редовно одржување на рафинериите.

Лани Русија произвела 43,9 милиони тони бензин, а извезла околу 5,76 милиони тони или околу 13 отсто од производството. Најголеми производители на бензин беа рафинеријата на Гаспром Нефт во Омск, рафинеријата НОРСИ на Лукоил во Нижни Новгород и рафинеријата на Роснефт во Рјазан.

Најголеми увозници на руски бензин се африканските земји, вклучувајќи ги Нигерија, Либија, Тунис и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), забележува Ројтерс.