
Во 2024 година Русија би можела да го намали производството на нафта на 515 милиони тони, изјави вицепремиерот на руската влада Александар Новак на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург (СПИЕФ).
„Ќе бидеме некаде во опсег од 505 милиони до 515 милиони тони. Поблиску, ми се чини, до 515 милиони тони. Тоа попрецизно ќе се знае на крајот на годината, бидејќи имаме различни корекции во текот на годината “ – истакна Новак.
Како што е наведено, Министерството за енергетика на Русија уште во февруари планирало производството на нафта во 2024 година да изнесува 523 милиони тони.
Доколку се остварат најавите, производството на нафта во Русија би можело да се спушти на минимум до 2020 година, кога се произведени само 512,8 милиони тони нафта, пренесува Комерсант.
Организацијата на земји извознички на нафта и нејзините сојузници (OPEC +) на почетокот на јуни одлучија да го продолжат доброволното намалување на производството на нафта за 1,65 милиони барели дневно до крајот на 2025 година.











