Русија, Турција, Украина и ОН подготвија план за извоз на храна од украинските пристаништа

108

Русија, Турција, Украина и ОН подготвија Мапа на патот што ќе обезбеди безбеден коридор за извоз на земјоделски производи од украинските пристаништа, јави агенцијата Анадолија, повикувајќи се на дипломатски извори.

Според агенцијата, околу 20 милиони тони жито и сончогледово семе од Русија и Украина се очекува да бидат испорачани на светските пазари благодарение на механизмот на командниот центар кој се планира да се формира во Истанбул, Турција.

Како резултат на интензивната дипломатија на Турција за обезбедување мир од почетокот на руско-украинската војна, подготвена е Мапа на патот, под покровителство на Обединетите нации (ОН), како еден вид решение за глобалната криза со храна, која се појави поради војната во Украина.

Деталите ќе бидат разгледани во наредните денови на состанокот што ќе се одржи меѓу Русија, Украина, Турција и претставници на ОН.

На четирилатералната средба ќе бидат разгледани прашања како рутата на испорака, осигурувањето и безбедноста на бродовите, а особено расчистувањето на морските мини во регионот.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во понеделникот имаше одвоени телефонски разговори со рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски, на кои се разговараше за војната во Украина и за регионални прашања.