Русија за еден месец целосно го елиминира американскиот долар

52

Русија во рок од еден месец во целост ќе го елиминира американскиот долар во структурата на Фондот за национално богатство и ќе го намали уделот на британската фунта.

Тоа го соопшти рускиот министер за финансии, Антон Силуанов на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург.

“Ние, како и централната банка, донесовме одлука да ги намалиме средствата на Фондот вложени во доларска актива. Во денешната структура, околу 35% од средствата на Фондот се инвестирани во долари. Одлучивме во целост да се повлечеме од доларската актива и вложувањата во долари да ги замениме со зголемување на уделот во евра и злато“, рекол Силуанов.

Додал дека преминот на новата структура се очекува во рок од еден месец, пренесува Танјуг.

Уделот на доларот во структурата на Фондот ќе биде сведен на нула, уделот на британската фунта ќе биде намален од 10 на 5%, уделот на јапонскиот јен ќе остане на ниво од 5%, додека уделот на еврото ќе биде зголемен од 35 на 40%, јуанот од 15 на 30%, а златото ќе има учество од 20%.

Фото: Pexels