
За прв пат, Русија се задолжува во кинеска валута, што дополнително ја зајакнува оската Москва-Пекинг и испраќа јасна порака: Американскиот долар повеќе не е неприкосновен.
Имено, продажбата на руски обврзници што можат да се купат со јуани на домашниот пазар започна вчера. Германскиот дневен весник „tagesschau“ објави дека ова покажува како Русија е истисната од западниот економски простор и колку цврсто е поврзана со Кина.
По почетокот на агресијата врз Украина, за која Западот ѝ воведе санкции, Русија го пренасочи својот извоз на енергија. Сега, големи количини нафта и гас се извезуваат во Кина, а тие обично се плаќаат во јуани. Сепак, американската бизнис медиумска компанија „Блумберг“ објави дека овој извоз во Кина неодамна се намалил поради американските санкции.
Сè уште не е познато каква е руската стратегија со јуанот. Јерг Кремер, главен економист на „Комерцбанк“, за германскиот радиодифузер АРД изјави дека Русија одлучила да се задолжи во јуани веројатно од две причини – едната е за да ги зголеми девизните резерви во јуани, а другата е да ја користи кинеската валута за купување технологија и компоненти во Кина, како што се полупроводници и други делови за воената индустрија.
За tagesschau, ова е индикација дека руската економија е силно ориентирана кон Кина и дека нејзиниот простор за маневрирање се намалува. Кремер гледа геополитички тенденции во овој потег. Имено, како што забележа, Кина е подоминантна од Русија – Русија е повеќе како придружен партнер и не е случајно што за Кина се зборува како за „држава на пумпа“.
Тој забележа дека овие две земји се поврзани со нивното отфрлање на Западот и нивната желба да се ослободат од доларот. Но, Кремер верува дека јуанот е далеку од тоа да стане водечка валута во светот.
„Јуанот не е слободно конвертибилен. Средствата не можат едноставно да се повлечат од Кина, што во голема мера ја ограничува улогата на оваа валута“, истакна германскиот економист.
Сепак, тој забележа дека Кина успеала да биде број еден во светот во многу работи, и покрај фактот дека нејзината валута не е водечка. А другите земји кои не се наклонети кон Западот го користат јуанот во ограничена мера. Кина и Русија успеваат да организираат трговија независно од Западот, но глобалното значење на јуанот останува мало.
Проценката на Кремер е дека доларот ќе остане водечка валута во светот најмалку уште 30 години. Не затоа што е совршен, туку затоа што нема вистинска алтернатива за него.











