Ryanair претпазливи во однос на обновата на воздухопловната индустрија

80

Ирската нискобуџетна авиокомпанија Ryanair Holdings Plc беше претпазлива во врска со темпото на закрепнување на летовите, велејќи дека ќе ги намали цените за да ја зголеми побарувачката овој квартал, бидејќи повеќе земји размислуваат за олеснување на мерките за коронавирус.

Иако бројот на резервации продолжува да расте, повеќето од нив се направени во последен момент, а инвеститорите може да очекуваат дополнително нарушување пред Европа целосно да ја стави зад себе пандемијата, изјавија од Ryanair, цитирани од „Блумберг“. Превозникот додава дека е во „режим на раст“, но времето до целосно закрепнување останува непредвидливо.

„Препорачливо е да се биде внимателен до крајот на оваа финансиска година, бидејќи може да има уште еден пресврт во коронавирусот“, рече главниот финансиски директор Нил Сорахан во интервјуто. „Тој (коронавирусот) веќе не изненади неколку пати. Но, ние сме во добра позиција да ги искористиме огромните можности што постојат“, додаде Сорахан.

Ривалите Ryanair EasyJet Plc и Wizz Air Holdings Plc минатата недела рекоа дека го зголемуваат капацитетот бидејќи се насочени кон пазарите каде што редовните авиокомпании се повлекуваат. Британија, која ги олесни граничните мерки претходно овој месец, се појавува како клучно бојно поле за продажба на билети за велигденските празници и почетокот на летната сезона.

Ryanair објави загуба од 96 милиони евра за кварталот октомври-декември, а аналитичарите очекуваа таа да биде помала. Компанијата рече дека се надева дека Европската унија (ЕУ) ќе го следи Лондон во отстранувањето на тестовите за вакцинирани патници доволно брзо за да ја врати довербата на потрошувачите пред Велигден, кој паѓа во април оваа година.

Сорахан изјави за „Блумберг“ дека гледа напредок во олеснување на мерките во земји како Германија, Италија и Австрија.

Финансискиот директор посочи дека моментално ниските цени на билетите може да се зголемат како што напредува закрепнувањето, со оглед на количината на капацитет што беше збришан за време на корона-кризата.

Ryanair со седиште во Даблин соопшти дека добил испорака на 41 нов Боинг 737 Макс со планови да додаде уште 24 пред ова лето, зголемувајќи го својот капацитет од 14% во споредба со 2019 година.

Авиокомпанијата повтори дека има за цел да ги зголеми патниците на 225 милиони годишно до 2026 година, додавајќи дека очекува да отвори уште 6.000 работни места во тој период.

„Ryanair во следните две години ќе работи на намалување на долгот, кој моментално надминува 2 милијарди евра. Обврзниците кои доспеваат во 2023 и 2024 година ќе бидат отплатени барем делумно преку сопственото производство на готовина“, рече Сорахан.

Додаде дека компанијата е добро снабдена за следните 15 месеци, додека долгорочните договори со аеродромите како што е лондонски „Станстед“, склучени порано во пандемијата, ќе помогнат да се намалат трошоците.