S&P: Деловната активност во еврозоната стагнира минатиот месец

66

Деловната активност во еврозоната стагнираше во јуни, како одраз на продлабочувањето на падот на индустриското производство и наглото забавување во услужниот сектор, покажа истражувањето на S&P Global.
Индексот на менаџери за набавка (PMI) во приватниот сектор на еврозоната е намален во јуни за 2,9 поени во однос на мај, и изнесува 49,9 поени, објави Хамбуршката комерцијална банка (HCOB), која ги составува извештаите за S&P Global.

Така, јунскиот PMI беше малку под границата од 50 поени што сигнализира стагнација во активноста. Повисоките вредности укажуваат на раст, а пониските вредности укажуваат на намалување на активноста.

„Економијата на еврозоната ослабе на крајот на вториот квартал до ниво на стагнација, заокружувајќи го периодот на силен раст од почетокот на годината, поттикнат од услужниот сектор“, заклучува HCOB.

Активноста во индустријата се намали уште посилно  во мај, а нагло забави и во услужниот сектор, покажа истражувањето.

Проблем за економијата беше послабата побарувачка, особено во преработувачкиот сектор, заклучува HCOB. Побарувачката за услуги порасна најслабо во последните пет месеци.

„Надворешната побарувачка повторно се намали и во индустријата и во услужниот сектор“, се додава во извештајот.