САД го зголемуваат производството на енергија за да и помогнат на Европа

83

Соединетите Американски Држави работат на зголемување на производството на нафта и извоз на „секоја молекула“ на течен природен гас во Европа, со цел да се намали зависноста на европските земји од руската енергија, изјави американската министерка за енергетика Џенифер Гранхолм.

„Веќе одобривме ослободување на стратешките резерви на нафта со цел да се стабилизира пазарот. Администрацијата апелираше до американската нафтена индустрија да го зголеми производството за да ги задоволи моменталните потреби“, рече Гранхолм, пренесе Гласот на Америка.

САД воведоа забрана за увоз на руска нафта и други енергенси, додека европските земји не го сторија тоа бидејќи во многу поголема мера зависат од руските енергетски извори.

На прашање дали светскиот пазар може да ја издржи забраната за увоз на руска нафта и други енергетски извори, американскиот министер рече дека сега се анализира и додаде дека „секоја земја различно се справува со тоа“.

„Ниту една земја не сака да ја финансира војната на Путин и затоа брзата транзиција кон чиста енергија е многу важна за Европа. Кога станува збор за забраните за увоз, ова е прашање специфично за земјата. Знаеме дека руската нафта и гас сочинуваат голем дел од европскиот увоз, ги поддржуваме и работиме со нив за да најдеме решение за да бидеме енергетски независни“, рече Гранхолм.

Таа додаде дека Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) веќе претставила одредени мерки за намалување на зависноста од руската нафта.

Според неа, брзата транзиција кон чиста енергија е важна не само за борбата против климатските промени, туку е и добро решение за намалување на енергетската зависност на Европа од Русија.