САД им забрануваат на инвеститорите да купуваат руски долг

30

Американското Министерство за финансии ги заостри санкциите против Русија со забрана на инвеститорите да купуваат руски долг на секундарниот пазар, кој речиси го замрзна тргувањето во вторникот бидејќи инвеститорите се обидуваа да ги разберат новите ограничувања, објави Блумберг.

Ревидираните упатства значат дека американските компании можат да поседуваат и продаваат руски долг, но не можат да го купат, според портпаролот на Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии. Правилата се однесуваат и на корпоративниот и на државниот долг и акции.

Банките кои сè уште тргуваа со руски долг веќе беа критикувани од американскиот Сенат. Сенаторката Елизабет Ворен ги обвини за кршење на санкциите и ја нападна JPMorgan Chase & Co. и Goldman Sachs Group Inc. бидејќи купуваат и им даваат препораки на своите клиенти за рускиот долг.

Двете банки се под притисок да пренесат информации за клиенти кои тргуваат со руски долг.

Новата забрана за инвеститорите доаѓа во време кога Русија се обидува да најде начин да избегне банкрот и да ги плати доверителите со заобиколување на санкциите кои го попречуваат плаќањето.

Две исплати од околу 100 милиони американски долари поради доверителите на 27 мај се замрзнати во Euroclear Bank SA, според извор запознаен со случајот. Парите се префрлени од Рускиот национален депозитар.

Блокирањето на овие средства значи дека Русија е веќе во 30-дневен грејс-период и кога ќе истече може да биде прогласен за банкрот. Сепак, Москва вели дека ги исполнила своите обврски со испраќање на парите до депозитарот на 20 мај.

Новата одлука на американското Министерство за финансии е дополнителен удар за инвеститорите со руски долг, бидејќи го намалува бројот на потенцијални купувачи и ја намалува вредноста на хартиите од вредност. Промената на правилата, која беше објавена на веб-страницата на Управата за контрола на странски средства доцна во понеделникот, ги изненади инвеститорите и многу од нив ги контактираа своите адвокати за да дознаат што значат новите правила.

Руските обврзници паднаа за 3 центи во однос на доларот, откако банките и брокерите го намалија обемот на овој вид акции.

„Пазарот обично се намалува веднаш, но секогаш е добра идеја да се остави да се стабилизира некое време“, рече Брајан О’Тул, поранешен висок советник на Канцеларијата за контрола на странски средства. „Веројатно никој нема да купи долг, но сепак би било добро да им се дозволи на луѓето да се ослободат од него пред да ги оставиме со бескорисно средство“.

Според новите правила на Канцеларијата за контрола на странски средства, на учесниците на американските пазари им е забрането да купуваат нов и постоечки долг од Русија, како и средства издадени од субјекти во Руската Федерација. Сепак, инвеститорите сè уште можат да продаваат такви средства на купувачи надвор од Соединетите држави кои имаат право да ги поседуваат.