САД му дозволија на Шеврон да продолжи да пумпа нафта во Венецуела

60

САД му дадоа на Шеврон ограничени овластувања да продолжи да пумпа нафта од Венецуела. Одлуката е донесена откако во саботата беше објавено дека венецуелската влада и опозициската група постигнале договор за хуманитарна помош и дека ќе продолжат со преговорите за решавање на хроничната економска и политичка криза во земјата.

Висок официјален претставник на администрацијата на Бајден ги опиша саботните најави како „важни чекори во вистинската насока“, но истакна дека има уште да се направи бидејќи и двете страни работат на потрајно решение за тековната криза, пренесува Си-Ен-Ен.

Официјалниот претставник, исто така, ја истакна ограничената природа на лиценцата, велејќи дека не очекуваат таа да има опипливо влијание врз меѓународните цени на нафтата и дека овој потег е наменет како стимул за преговори, а не како реакција на високите глобални цени на нафтата.

Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии издаде венецуелска општа лиценца во саботата, овластувајќи ја Шеврон да „продолжи со ограничени операции за екстракција на природни ресурси во Венецуела“, се вели во соопштението на Министерството за финансии.

Лиценцата важи шест месеци и САД може да ја отповикаат во секое време. Дополнително, секоја заработена добивка ќе оди за отплата на долгот на Шеврон, а не за режимот на Мадуро, рече високиот функционер, додавајќи дека американската влада ќе продолжи да бара значителни извештаи од Шеврон за нејзиното финансиско работење.

Извршниот директор на Шеврон, Мајк Вирт, претходно оваа година изјави за ТВ Блумберг дека доколку дојде до затоплување, ќе бидат потребни месеци и години за да се обноват нивните нафтени полиња во земјата.

Ако режимот на Венецуела продолжи да презема конкретни чекори кон преговарачко решение, тогаш можно е идно насочено олеснување на санкциите, рече официјалниот претставник.