
Француската федерација на извозници на вино и жестоки пијалоци (FEVS) изрази „длабоко разочарување“ откако Европската унија објави дека не успеала да добие ослободување од царина за секторот, кој ќе се соочи со царина од 15 проценти по влезот во Соединетите Американски Држави.
„Владee огромно разочарување бидејќи работевме многу напорно за да го добиеме ослободувањето и тоа беше на дофат. Убедени сме дека тоа ќе доведе до огромни тешкотии за секторот за вино и жестоки пијалоци“, изјави за Франс Прес Габриел Пикард, претседател на Федерацијата, пренесува Бета.
Тој рече дека царината од 15 проценти ќе биде додадена на ефектот од 15 проценти на девизниот курс со кој секторот веќе се соочува при извоз во САД, што е нивниот главен пазар, поради моментално слабиот долар во однос на еврото.
Во 2024 година, ЕУ извезе алкохолни пијалоци во вредност од осум милијарди долари во САД, од кои повеќе од пет милијарди се однесуваат на вина. Франција учествува со половина, 2,4 милијарди евра за вино и 1,5 милијарди евра за алкохолни пијалоци. 23 проценти од нејзиниот извоз оди во САД.
„Заштитата на нашите извозни сектори останува наш приоритет. Договорот останува отворен за можност за дополнителни исклучоци и ние работиме на тоа“, рече францускиот министер за трговија Лоран Сен Мартен.











