САД подготвени повторно да продаваат нафта од стратешките резерви

21

Американската администрација е подготвена да ослободи повеќе нафта од стратешките резерви на САД за да спречи нагло зголемување на цените на бензинот ова лето. Високиот советник на американскиот претседател Амос Хохштајн рече дека цените на нафтата се „сè уште превисоки за многу Американци“ и дека би сакал да ги види „малку пониски“.

Говорејќи за „Фајненшл тајмс“ во понеделникот, Хохштајн изјави дека САД „ќе продолжат да купуваат до следната година, додека не проценат дека стратешките резерви на нафта го имаат потребниот волумен за да ѝ служат на нивната првична цел – енергетска безбедност“, пренесува Arab News.

Одделот за енергетика купува околу три милиони барели нафта месечно за стратешки резерви, откако продаде 180 милиони барели во 2022 година, по почетокот на војната во Украина. Овој потег беше обид да се намалат цените на бензинот кои се искачија на повеќе од пет долари за галон, но исто така ги намали резервите на најниско ниво во последните 40 години.

Претходно овој месец, секретарот за енергија Џенифер Гранхолм  изјави за Ројтерс дека САД би можеле да го забрзаат темпото на надополнување на стратешките резерви до крајот на годината.

Секоја одлука за црпење нафта од стратешките резерви во наредните месеци, која американскиот претседател Џо Бајден ја искористи повеќе од кој било негов претходник, повторно ќе ги налути републиканците кои го обвинија за „политичка злоупотреба“ на нафтените резерви.

Цените на бензинот во САД во моментов се просечни 3,45 долари за галон, според Американското здружение на возачи, што е малку пониско од минатата година, но сепак за околу 50 отсто повисоки отколку кога Бајден го наследи Доналд Трамп во 2021 година.

И покрај неговата ограничена способност да влијае на цените, многу возачи го обвинуваат актуелниот демократски претседател за високите цени на бензинот на пумпите.