САД санкционираа нова групација на компании поради руската нафта

10

САД воведоа санкции за нова група на испраќачи и сопственици на бродови за транспорт на руска нафта по цени над лимитот поставен од групата Г7.
САД, во соработка со своите партнери од групата Г7, се заканија со санкции против компаниите доколку го сервисираат поморскиот транспорт на руска нафта поскап од 60 долари за барел, обидувајќи се да го намалат рускиот приход за финансирање на инвазијата на Украина пренесе СЕЕбиз.

Цел на санкциите се првенствено превозниците и осигурителите на кои им се заканува замрзнување на имотот и прекин на деловните односи со партнерите во САД и земјите од Г7.

Во средината на октомври, американското Министерство за финансии воведе санкции за Ice Pearl Navigation SA, со седиште во Турција, сопственик на танкерот Yasa Golden Bosphorus, кој според нив транспортира нафта по цена од над 80 долари за барел.

Тогаш ја санкционираа и компанијата Lumber Marine SA со седиште во Обединетите Арапски Емирати, сопственик на танкерот SCF Primoyre, за кој тврдеа дека транспортира руска нафта по цена од над 75 долари за барел.

Во четвртокот, тие ги вклучија на списокот компании со седиште во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) Kazan Shipping Incorporated, Progress Shipping Company Limited и Gallion Navigation Incorporated и три брода во нивна сопственост.

Бродовите Казан, Лиговски проспект и НС Сентурис пловеа под знамето на Либерија и ги користеа услугите на американските граѓани за транспорт на нафта од руско потекло, додаваат тие.