САД забрани извоз на чипови во Кина: Акциите на Nvidia и AMD веднаш паднаа

131

Акциите на големите производители на чипови Nvidia и AMD паднаа поради загриженоста поради новите американски ограничувања за продажба на чипови со вештачка интелигенција во Кина, пишува Би-Би-Си.

Nvidia рече дека американската влада бара нова лиценца, која ќе стапи во сила веднаш, за да се справи со ризикот дека чиповите би можеле да се користат за „крајна воена употреба во Кина и Русија“.

Постојат стравувања дека правилото може да доведе до милиони изгубени приходи. Акциите на двата производители на чипови се лизнаа во тргувањето по работното време во Њујорк, при што акциите на Nvidia паднаа за 6,6 отсто, додека на AMD паднаа за 3,7 отсто.

– Новите ограничувања се удар за Nvidia – изјави Ден Ајвс од Wedbush Securities за Би-Би-Си.

Кинеските власти остро се спротивставија на последниот потег на американската влада. Според државните медиуми, „САД отстапиле од принципите на фер конкуренција и ги прекршиле меѓународните економски и трговски правила“.

– Американската страна треба веднаш да престане со своите неправди, да се однесува фер кон компаниите од целиот свет, вклучително и кинеските компании и да направи повеќе работи кои придонесуваат за стабилноста на светската економија – се вели во соопштението.

Од друга страна, американското Министерство за трговија соопшти дека „во овој момент не е во позиција да презентира конкретни промени во политиката“.

„Преземаме сеопфатен пристап за преземање дополнителни активности кои се неопходни во однос на технологиите, крајните употреби и крајните корисници за заштита на националната безбедност и интересите на надворешната политика на САД“, рече портпаролот, додавајќи:

– Ова вклучува спречување на кинеското стекнување и употреба на американската технологија во контекст на нејзината воено-цивилна програма за фузија за да ги поттикне нејзините напори за воена модернизација, кршење на човековите права и овозможување други малигни активности.

Директорите на Nvidia рекоа дека новите барања за лиценцирање ќе го погодат извозот на нејзините чипови A100 и H100, кои се дизајнирани да ги забрзаат задачите за машинско учење и системите што ги вклучуваат.

– Продажбата вредна околу 400 милиони долари во Кина може да биде засегната ако клиентите не сакаат да ги купат алтернативните понуди на производите на компанијата или ако (американската влада) не даде лиценци на време или ги одбие лиценците на значајни клиенти.

Инаку, минатата недела Nvidia објави приход од 6,7 милијарди долари во вториот квартал, што е далеку под прогнозите. Но, од друга страна, приходите од компјутерски чипови се зголемени за 61 отсто во однос на една година порано.

Портпаролот на AMD не очекува дека новите правила, за да се спречи испораката на нивните чипови MI250 во Кина, да има „материјално влијание“ врз бизнисот.

Да потсетиме, Америка и Кина веќе подолго време имаат спор околу трговијата и технологијата. Тензиите меѓу двете најголеми светски економии се зголемија откако американската политичарка Ненси Пелоси беше во контроверзната посета на Тајван на почетокот на август.

– Nvidia е погодена од вкрстен оган – заклучува Ден Ајвс.