Саем за транспорт и логистика на Скопски саем

167

Од 26 до 29 овој месец на Скопскиот саем ќе се одржи вториот меѓународен саем за транспорт и логистика. Над 30 транспортни и логистички компании од земјава и странство ќе се претстават на  саемот. Како специјализирана саемска манифестација и оваа година саемот ја задржува концепцијата на изложбено комерцијално претставување на компаниите, на внатрешен изложбен простор од 3.000 метри квадратни во Метрополис арена и на 1.000 метри квадратни надворешен изложбен простор во саемскиот двор.

Со свои презентации и промоции ќе бидат присутни регионалните поморски пристаништа Солун и Драч, бродските компании МСЦ и кинеската Коско шипинг преку претставништвото во Солун, МЖ Транспорт а.д. Скопје од железничкиот транспорт, компанијата за брза пошта Федекс, шпедитерски и логистички центри, терминали и јавни царински складишта, меѓу кои Фершпед, Шенкер, Боми 10 Логистик, Блубел Маритајм, Логвин Солушн, Мултишпед… Од транспортните системи, товарни возила и возилата за утовар и истовар се најавува присуството на Каргомакс, Волво Македонија, МАН импортер Македонија, Мак Ауто Стар, Шмиц Каргобул.

По отворањето на Саемот во среда напладне, ќе се одржи тркалезна маса на тема „Актуелни состојби и неопходни мерки за зголемување на конкурентноста на македонскиот транспорт и логистика во однос на соседните земји и пошироко“. Дебатата ја организираат Скопски саем и Царинската управа на Македонија, која што е и покровител на саемот, што се одржува во партнерство на СИЗ Македонија сообраќај АМЕРИТ.