Сакате да одите во Венеција на неколку часа? Без резервација и плаќање на такса нема да можете

62

Венеција планира да воведе систем за пробна резервација за еднодневни посети на центарот на градот за да се намали пренатрупаноста во време кога посетителите се враќаат во тој италијански град по пандемијата.

Целта на системот за платена резервација не е да го ограничи бројот на туристи во историскиот центар, туку да поттикне некои посетители да го посетат градот во помалку популарен период од годината, кога цената на резервацијата ќе биде пониска.

„Ќе започнеме со експериментална фаза во која резервациите нема да бидат задолжителни, туку опционални“ и ќе бидат бесплатни, рече претставникот на венецијанскиот туризам Симоне Вентурини.

На посетителите кои доаѓаат на еднодневни патувања ќе им биде понудено однапред да се регистрираат за резервации со стимулации, „како што е попуст на билетите за музеј“, рече Вентурини. Датумот на стапување во сила на новиот систем ќе биде објавен во наредните недели, пренесува Хина.

Од 2023 година ќе се плаќа еднодневна такса за посета

Системот, кој се работи со години, ќе стане задолжителен во 2023 година, кога посетителите на еднодневни патувања ќе треба да плаќаат надомест од три до десет евра, во зависност од периодот во кој го посетуваат центарот на градот.

Посетителите кои ќе преноќат во Венеција и веќе ја плаќаат таканаречената туристичка такса, нема да мора да плаќаат резервација.

Животот во многу популарниот „град на вода“ полека се враќа во состојбата во која беше пред пандемијата.

Огромен број на туристи

Овогодинешните велигденски празници привлекоа огромен број посетители, од кои 100.000 ноќеваа во градот, а 40.000 пристигнаа за само неколку часа, рече Вентурини.

Градоначалникот на Венеција, Луиџи Бруњаро рече дека системот за резервации е „вистинскиот начин за порамномерно управување со туризмот“.

„Ќе бидеме првите во светот што ќе го спроведеме овој експеримент“, напиша тој на Твитер.