Сакате да знаете зошто ви заминуваат вработените? Излезно интервју ќе ви го даде одговорот

155

sl1

Фото: Pixabay

Излезно интервју е интервју кое се спроведува со вработен што најавил заминување од компанијата. Од перспектива на работодавач, примарната цел на излезното интервју е да ги дознае причините зошто си заминува вработениот, а добиените информации потоа може да ги искористи за подобрување на организацијата. Главната цел на секоја компанија е да ги задржи вработените, па разговорот со вработениот што си заминува е одлична алатка за собирање информации.

Излезното интервју може да биде продуктивно за двете страни, за работодавачот и за вработениот. Работодавачот ќе добие фидбек, а вработениот ќе може да си ја “олесни душата” и да задржи добра релација со работодавачот. Работодавачот треба да има во предвид дека поранешниот вработен станува амбасадор на компанијата за која работел, можеби и иден клиент, па затоа е добро од излезното интервју да излезе со позитивно искуство.

На излезното интервју вообичаено се поставуваат неколку прашања:

Која е главната причина зошто вработениот си заминува?

Каков бил односот со претпоставениот менаџер?

Што најмногу му се допаѓа на вработениот во компанијата, а што најмалку?

Какви квалитети и вештини треба да поседува вработениот што ќе треба да го замени?

Што би го натерало вработениот да остане во компанијата?

Кој е главниот мотив поради којшто ја прифатил/а новата работа?

Дали би ја препорачал/а компанијата како добро место за работа?

Дали во иднина би се вратил/а да работи во компанијата?

На крај, излезното интервју треба да заврши со позитивно расположение, а работодавачот на вработениот треба да му посака успех на новото работно место.