Голем дел од лозовите насади од сортите вранец и смедеревка во тиквешкиот регион се оптоварени со род затоа што не се применуваат соодветни агротехнички мерки и стандарди. Ова е клучната констатација во најновата анализа на состојбата на лозовите насади во тиквешкото виногорје што ја направи Земјоделскиот институт при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, со цел да се направи соодветна проценка на приносот и квалитетот на најзастапените сорти пред почетокот на годинешната берба.
Конкретно, анализата на Институтот покажува дека просечниот принос кај вранецот од десетте најголеми локалитети во тиквешијата оваа година изнесува над 24 тона по хектар, а кај смедеревката тој надминува и 28 тони по хектар. Од друга страна пак, науката и праксата покажуваат дека за да се постигне висок квалитет на грозјето родот мора да се ограничува помеѓу 4 и 8 тони по хектар, а во исклучителни случаи, кај високо родните сорти грозје како што се вранецот и смедеревката, тој не треба да надминува 12 до 16 тони по хектар. Според ова, годинешниот род кај најзастапените сорти грозје во нашата земја е скоро двојно поголем од она што е дефинирано како светски стандард во оваа област.
Дополнително, според познавачите на состојбите, голем дел од производителите на грозје во земјава го зголемуваат родот со тоа што неконтролирано и обемно го наводнуваат грозјето со што тоа добива на родност и тежина, но при тоа ја губи шеќерноста која има клучна улога во квалитетот на виното, затоа што од грозје со ниска шеќерност може да се произведе само вино со низок квалитет. Мотивацијата кај производителите за постигнување што поголем принос на лозјата лежи во несоодветната политика на субвенционирање по килограм, наместо со неа да се поттикнува зголемување на квалитетот на грозјето.
Науката и практиката докажале дека за да се произведе грозје со потребниот висок квалитет, неопходно е да се напуштат досегашните практики за зголемување на родноста и тежината на грозјето и задолжително да се воведат современи стандарди и агротехнички мерки со кои ќе се ограничи родот до потребното ниво, што е пракса во сите светски вински региони каде се произведуваат грозје и вина со премиум квалитет.
„Иднината и долгорочната развојна перспектива на македонската винска индустрија и лозарство зависат од тоа колку брзо ќе ги прифатиме и примениме светските стандарди во производство на грозје со висок квалитет, кое е неопходно за производство на врвни вина со премиум квалитет што се бараат од страна на потрошувачите, особено на странските пазари. Производството и пласманот на големи количини наливно вино со низок квалитет што сѐ уште доминира во нашиот извоз не ја подобрува нашата конкурентност и нашата репутација како винска земја во светски рамки“, велат од најголемата македонска винарница „Тиквеш“ која воедно е еден до најголемите извозници на премиум вина од земјата.
Инаку, за да го стимулира производството на грозје со висок квалитет, што е императив за „Тиквеш“, винарницата од оваа година започна да им нуди повеќегодишни договори на лозарите кои произведуваат сорти со највисок квалитет кои се особено ценети на домашниот и странските пазари. Истовремено, за грозјето со највисок квалитет кое се преработува во процесот на микровинификација, преку кој се произведуваат премиум вина во ограничени количини, предвидени се и посебни услови за плаќање на откупеното грозје кои се многу пократки од законски дефинираните рокови.