Samsung го престигна Apple

58

Јужнокорејски Samsung Electronics го симна од водечката позиција американски Apple и повторно е најголем светски производител на паметни телефони, со удел од една петтина во вкупната глобална продажба во првиот квартал од 2021 година.

Кинеската компанија Xiaomi, исто така, оствари добри квартални резултати, со раст од 62% на 49 милиони испорачани мобилни телефони и пазарен удел од 14%, со што се најде на трета позиција, пренесува Ројтерс.

Генерално, глобалната продажба на мобилни телефони има раст во првите три месеци за 27%, на 347 милиони единици, бидејќи отворањето на кинеската економија по пандемијата и забрзаната вакцинација во САД ги зголемија надежите за економско закрепнување.

Samsung од јануари до март испорача 76,5 милиони паметни телефони и имаше 22% пазарен удел. Јужнокорејскиот технолошки гигант објави и раст на кварталната добивка од 66% во секторот мобилни телефони, благодарение на големата побарувачка на смартфони од серијата Galaxy S21.

Apple во првото тримесечје испорача 52,4 милиони iPhone уреди, со што сега има пазарен удел од 15%. Од компанијата соопштија дека недостигот на чипови може да ги ини од три до четири милијарди долари приходи во вториот квартал, бидејќи овој проблем најмногу ќе се одрази врз производството на iPad и Mac Book компјутери.

Фото: Pixabay