Samsung ќе вградува современа технологија во бродовите на MSC Cruises

38

msc cruises

Швајцарската компанија за крстарење MSC Cruises го најави стратешкото партнерство со технолошкиот гигант Samsung, пишува Travel pulse.

Целта на партнерството е Samsung во целост да ги опреми бродовите на MSC со нова генерација на технолошки производи – од телевизори во кабините до екрани во заедничките простории на бродот. Бродовите MSC Meraviglia и MSC Seaside, коишто ќе се придружат кон флотата во 2017 година, ќе бидат првите бродови опремени со врвната дигитална и звучна технологија на Samsung.

Технолошкиот гигант, исто така, ќе обезбеди специјализирана опрема за медицинските центри на бродовите.

“Samsung е технолошки гигант, а ние во MSC Cruises доследно ја покажуваме нашата посветеност и желба за воведување на иновации како и соработка со најдобрите партнери за да може на патниците да им понудиме поквалитетна услуга на бродот… Новата генерација на бродови MSC Meraviglia и MSC Seaside се чекор напред кон имплементација на новите бродски технологии. Најновите технолошки решенија на Samsung на нашите гости ќе им го пружат најдоброто од паметните бродови на море“, изјави Џани Онорато, извршен директор на MSC Cruises.

Претседателот на Samsung Италија, Карло Барлоко смета дека технолошката компанијата од секогаш била посветена на подобрување на условите за живот на луѓето преку технологијата.

“Партнерството со MSC Cruises е пример за тоа како нашите напредни технолошки решенија можат да се искористат за подобрување на искуствата на патниците на бродовите. Не станува збор само за таблети и интерактивни видео ѕидови, туку и за медицинска опрема за пружање прва помош во случај на потреба. Ова партнерство ќе донесе иновации во целата индустрија на туристички патувања со бродови“, изјави тој.