Сарачини: Бизнисмените да аплицираат за кредитите од МБПР

21

saracini3Министерот за економија Ваљон Сарачини вчера испрати апел до бизнисмените да аплицираат за кредитите со субвенционирана камата од Македонската банка за поддршка на развојот.

“И во време кога комерцијалните банки се соочуваат со криза во кредитирањето, Владата преку кредити со субвенционирани камати преку МБПР постојано ги поддржува и им помага на малите и средните претпријатија”, изјави Сарачини по посетата на хотелот Њу Стар во индустриската зона Визбегово.

Тој додаде дека според последните информации компаниите досега искористиле 61 милион евра од последната кредитна линија од Европската инвестициска банка од 100 милиони евра со што се кредитирани над 200 проекти.

“Со реализирањето на целата сума од 100 милиони евра ќе бидат отворени нови 1.300 работни места. Ова покажува дека интересот за кредитните линии е голем од едноставна причина, поевтиниот извор на финансирање што во овој случај е каматна стапка од 5,5%”, посочи министерот.

Бесим Билали главниот оперативен директор на  МБПР, изјави дека МБПР располага со средства во секое време, била и ќе продолжи да биде во служба на компании со добри бизнис планови.

“МБПР соработува со 12 комерцијални банки, процедурата е едноставна, тоа што треба да направат претпријатијата е да достават барање до нас и да имаат добар бизнис план. Средства имало и секогаш ќе има,  досега финансиравме над 200 проекти со над 60 милиони евра, останатите барања се во процес на проценување, најдобар доказ е фактот што МБПР досега има искористено во целост две кредитни линии од 100 и 50 милиони евра од ЕИБ, а планира да повлече уште една линија наскоро“, изјави Билали.

Министерот Сарачини ги повика компаниите да ги искористат поволностите на МБПР зашто процедурата за земање кредити е едноставна и брза, трае највеќе 45-60 дена.