Косово кон крајот на годината ќе почне со изградба на автопатот од Приштина до Блаце, кој ќе биде завршен за 42 месеци. За ова вчера бил информиран македонскиот министер за економија Ваљон Сараќини на средбата со косовскиот министри за инфраструктура Фехми Мујота во Приштина.
“Веќе се завршени сите детали и се очекува да се избере само компанијата која ќе го изгради автопатот”, додаде Сарачини, кој рече дека согласно владината програма во втората половина од 2014 година, Македонија треба да го објави јавниот повик за избор на компанија која ќе го гради автопатот Скопје – Блаце. Предходно треба да бидат завршени сите други процедури и да се изработи физибилити студија и да се одлучи кој извор на финансии е најприфатлив.
Сараќини изрази задоволсто од степенот на економската соработка со Косово и рече дека се надева одличната соработка да продолжи и во иднина и дека ќе се интензивира.
На средбата станало збор и за имплементација на македонското законодавство во делот на минерални суровини во Косово.
Министерот за инфраструктура Фехми Мујота истакна дека посетата на министерот Сараќини е во вистинско време и нагласи дека очекува во скоро време да се склучи договор во областа на транспортот помеѓу двете држави.
“Очекувам во скоро време да имаме и договор во областа на транспортот, бидејќи тој е многу значаен за да нема потреба од воведување на реципрочни мерки“, рече Мујота и додаде дека таксата од сто евра, беше донесена заради големиот притисок од косовските транспортери.
Сараќини за време на работната посета на Република Косово оствари средби и министрите за економски развој и за финансии, Фадил Исмаили и Бесим Беќај.
Притоа министерот Исмаили оценил дека капацитетот за соработка во областа на енергетиката меѓу двете земји е многу голем.
“Косово има големи количини јаглен коишто можеме да ги извезуваме во Македонија за производство на електрична енергија. Македонија во минатото го користеше нашиот јаглен и затоа сметам дека тоа претставува уште една можност за успешна соработка и во иднина“, рече Исмаили.
Косово е значаен трговски партнер на Република Македонија и е земја со која остварува најголема трговска размена. Целокупната трговија меѓу двете земји се одвива слободно и без царина.
Во 2011 година трговската размена меѓу Македонија и Косово изнесувала 576,9 милиони американски долари со суфицит на македонска страна од 504,8 милиони долари. Во 2012 година размената достигна до 420,8 милиони долари, а суфицитот опадна на 363,8 милиони долари. Во првите пет месеци од годинава трговската размена изнесува 122,4 милиони долари и се бележи суфицит од 99,9 милиони долари.
Најмногу од Македонија во Косово се извезува нафта и нафтени деривати по што следат лекови, тутун, пекарски производи и цемент, додека најмногу се увезуват заварени цевки, минерална и газирана вода и безалкохолни пијалаци, остатоци од легиран челик и пластични маси.
Фото: Миа