Рудникот Саса во соработка со странски експерти, годинава ќе работи на нови проекти од аспект на безбедноста при работа и заштитата на животната средина, пишува Миа.
Во таа смисла потпишани се договори за работа во три сегменти, од областа на безбедноста при работа, заштитата на животната средина, како и на севкупната состојба во рудникот.
“Попишани се три договори кои се однесуваат за безбедност при работа со една австралиска компанија со којашто Саса и претходно имала соработка. Истовремено, со американска компанија којашто во моментов е на увид и ни дава препораки во делот со заштитата на животната средина. Исто така, за рударството во целост, имаме склучено договор со светска консултантска куќа којашто почна да работи оваа година во рамки на договорот со новите сопственици“, рече генералниот директор на Саса, Александар Раков.
Во 2016 година рудникот планира да произведе 700.000 тони сува руда, а во 2015 ископани се 778.000 тони сува руда. Меѓутоа, нестабилната цена на металите на светската берза, којашто се спушти на 1.600 долари по тон, дава негативни реперкусии врз рударството. Моменталната цена на оловото е 1.843 долари за тон, додека на цинкот 1.715 долари за тон.
“Тоа е критично за работата на еден рудник, но цената на металите сега има тенденција на покачување и се надеваме дека ова ниво на цени ќе се задржи подолг временски период. Во конечниот буџет немавме никакви импликации во нашето секојдневно работење, бидејќи во буџетот за 2016 ние планиравме одредени цени на металите и во овој момент ги исполнуваме планските бројки и не се одразуваат цените на металите во работата“, потенцира Раков.
Рудникот има две нови концесии, едната е за експлоатација, а другата за геолошки истражувања кои треба да го продолжат векот на рудникот.