Саса продолжува со финансирање на проекти за развојот на локалната заедница

42

Членови на менаџерскиот тим на рудникот за олово и цинк Саса го одржаа редовниот годишен состанок со здруженијата и институциите од локалната заедница. Целта на состанокот што го организираше Саса е натамошно унапредување на комуникацијата и соработката меѓу компанијата и локалната заедница, како и запознавање на компанијата со потребите на заедницата, преку активностите и плановите на организациите и институциите што ја претставуваат.

На состанокот присуствуваа претставници на 19 локални здруженија и институции кои доставија вкупно 15 предлог-проекти. Своите планови и проекти за 2019-та година ги доставија претставниците од основното и средното училиште во Македонска Каменица, од јавното претпријатие Камена река, од граѓанските организации Порака и Надеж, од градските спортски клубови за фудбал, шах, лов и риболов, од културно уметничко друштво Вера Јоциќ, како и од еколошкото друштво Здравец 2002.

“Да се биде општествено одговорна компанија значи да се биде свесен дека покрај за сопствениот развој, треба да се води сметка и за развојот на заедницата на која ѝ припаѓаме. Ова е принципот по кој се раководи нашата компанија и затоа во рамките на своите можности секоја година одвојуваме финансиски средства за реализација на приоритетните проекти и активности на локалните граѓански организации, спортски клубови и институции. Овој годишен состанок е добар начин да се запознаеме со нивните планови и приоритети“, рече генералниот директор на Саса, Олег Телној.

Во донесувањето на конечната одлука за тоа кои проекти ќе бидат финансиски поддржани оваа година, Саса ќе се раководи од нивната долгорочна одржливост и очекуваните позитивни ефекти што овие проекти ќе ги донесат за унапредување на квалитетот на животот на жителите на Македонска Каменица и нејзината околина.

Во текот на 2018-та, рудникот Саса обезбеди финансиска поддршка за реализација на голем број проекти и активности од локално значење, меѓу кои: организација на Каменичко културно лето, изградба на ново спортско игралиште во градот, набавка на нова опрема за потребите на средното училиште и на канцеларијата за лицата со посебни потреби, набавка на специјално возило за потребите на јавното комунално претпријатие, како и поддршка за функционирањето на фудбалските и кошаркарските клубови во градот.