Saudi Aramco продава исламски обврзници деноминирани во долари

29

Нафтениот гигант Saudi Aramco почна да продава исламски обврзници деноминирани во долари за да собере пари за исплата на дивиденда од 75 милијарди долари.

Според тамошните медиуми, продажбата на исламски обврзници, во склад со шеријатот, ќе биде завршена на 17-ти јуни.

Компанијата нуди ваков вид на обврзници со рок на достасување од три, пет и 10 години. Оваа емисија доаѓа по две претходни емисии на обични обврзници, од кои првата вредна 12 милијарди долари, беше во 2019 година, а втората од осум милијарди долари во ноември лани.

Најголемата енергетска компанија во светот се обврза да исплати дивиденда со цел да го привлече интересот на инвеститорите за своето деби на саудиската берза во декември 2019 година. Но, компанијата мораше да ја намали потрошувачката, бројот на вработени и да продаде дел од имотот бидејќи поради пандемијата беше намалена цената на нафтата, што е главен извор на приходи.

Приходите од нафта на компанијата сочинуваат околу 40% од бруто домашниот производ на Саудиска Арабија, а неодамнешниот раст на цените на сировата нафта би можел да го зголеми уделот, сметаат аналитичари на Bloomberg.

Фото: Facebook